Мостови до дома: репатријација на знаење и вештини

Дали враќањето дома мора секогаш да значи физичко присуство во канцеларија? Со Мостови го трансформираме изливот на мозоци во локален придонес, враќајќи го меѓународното знаење назад во Македонија.

Logo na Mostovi do Doma
Лого на Мостови до Дома

Во Холандија се преселив во 2019 година со два куфера полни со надеж, големи очекувања и стремежи, како и со писмо кое тежеше повеќе од сите нив споено, писмо кое јасно пишуваше дека сум прифатен на Универзитетот во Гронинген. Тогаш сфатив дека тежината на овој пат не беше само од должината на километрите, но и поради големата одговорност која демнееше над мене како товар што ја чуствував во мигот кога ја преминав пасошката контрола.

Пораснав во просечно гостиварско семејство. Татко ми и мајка ми работеа двосменски работи, па и јас почнав да работам за да заштедам пред да ги почнам моите студии во Холандија. Во април 2019 година, студирањето на врвен светски универзитет изгледаше како далечен сон, иако добив позитивен одговор од Универзитетот во Гронинген. Една година на факултетот кошташе околу 10.000 евра, а мојата плата беше околу 400 евра. Единствена шанса и надеж да ја прифатам понудата за која сонував беше поддршката од стипендијата за студирање на Топ 100 светски универзитети од Министерството за образование и наука (МОН).

Стигнав во Гронинген на 4 октомври 2019 година. Првото предавање ми беше во понеделник, на 7 октомври, иако предавањата се одржуваа веќе цел месец, уште од 1 септември. На предавањето имаше околу 450 студенти од безброј националности и позадини. Си помислив дека сигурно има барем уште еден Македонец во предавалната. На предавањето имаше отприлика 450 студенти од безброј националности и позадини, па секако си помислив дека има барем уште еден македонец во просторијата. Започнавме со наставата во 9 часот наутро и во тој момент јас сфатив две работи. Најпрвин, ептен сум далеку од дома, но сепак сум на место што ќе ме предизвикува и ќе ме изгради во човекот кој сакам да бидам. Второ, ептен сум далеку од дома и ми недостига домашното јадење, кафеџиските муабети со мајка ми, дружењето со брат ми, планинарењето со татко ми. Чувствував должност кон себеси, кон моите најблиски, но и кон сите мои сограѓани кои ми пружија можност да бидам тука, да студирам и да напредувам преку стипендијата на МОН.

Учев, работев, се дружев и се прилагодував на животот во Холандија скоро 5 години. Како што се доближуваше датумот на последното предавање, последниот испит и дипломирањето, сѐ повеќе размислував за враќање дома. Пет години поминаа брзо, научив многу, запознав безброј луѓе, прифатив можности за пракса, соработки и проекти, но чувствував дека сакам да направам нешто повеќе. Знаев дека вистинското учење и напредок ќе се случи по моите студии, а шанси за тоа има безброј. Добив понуда за работа во Холандија, но срцето ме влечеше да придонесам за дома. Но, дали враќањето дома мора секогаш да значи физичко присуство во канцеларија во Скопје или Гостивар од 8 до 16 часот? За време на Ковид-19 пандемијата, научивме дека е возможно да се работи, учи и функционира на далечина, на разни начини, доколку се има волја и мотивација. Сфатив дека најдобриот начин да вратам вистинска вредност во Македонија е преку пренос на моето знаење, вештини и поврзување со стекнатите меѓународни контакти додека работам во странство. Така се роди идејата: дали може да постои систем за трансформирање на изливот на мозоци во локален придонес во Македонија преку репатријација на знаењето и мрежите кои ги стекнуваме надвор? Како независни млади луѓе, неповрзани со ниту една политичка партија и со единствена цел да напредуваме меѓународно, а тоа знаење да го вратиме дома, визијата за „Мостови“ стана многу јасна.

За оваа визија да прерасне во вистинска организација, требаше да ги дефинираме вредностите на системот заедно со неколку други стипендисти. Нашите цели станаа јасни и релативно едноставни:

  • Дела наместо ветувања. За да покажеме дека навистина сакаме да создаваме вредност дома, моравме да се фокусираме на дела. Работиме тивко, но напорно, и го покажуваме резултатот дури кога е целосно спремен. Работиме на конкретни и значајни проекти кои навистина ѝ се потребни на Македонија. Слушаме кои се реалните потреби и заедно одлучуваме каде можеме најмногу да помогнеме. Што излезе од ова? Во првата година, Илија Личковски изгради интелигентен агент базиран на вештачка интелигенција за Државниот завод за статистика. Исто така, Теона, Андреј, Теодора, Мартина и Иво одржаа бесплатни менторски сесии преку нашата програма за менторство на mentorship.mostovi.mk.
  • Целосна транспарентност. Нашите сограѓани и соработници заслужуваат да знаат на што работиме, кога работиме и колку работиме. За да го покажеме тоа што го работиме, користиме табели, графикони и редовни извештаи. Секој наш проект и труд прецизно се бележи во нашиот систем кој е достапен за јавноста на dashboard.mostovi.mk. Горди сме на нашата работа, менторството и проектите кои ги организираме, па затоа сакаме сето тоа отворено да го споделиме со сите.
  • Модел кој враќа. Државата и сограѓаните кои ни дадоа можност да студираме на универзитетите за кои сонувавме, заслужуваат да ги видат резултатите од таа доверба. Создадовме модел кој ни дозволува да придонесеме за дома, а истовремено да продолжиме со нашиот личен и професионален напредок во светот. „Мостови“ ми даде можност да направам нешто вистинско за моите родители, семејството, пријателите и сограѓаните. Сите тие луѓе кои веруваа во нас сега нé мотивираат да го вратиме знаењето дома на начин што ќе има директна важност/вредност за нив.

Поддршката од сите што веруваат во нашите амбиции не престана со стипендијата. Мојата најголема движечка сила се позитивните зборови, разбирањето и благодарноста од сите што секојдневно ја поддржуваат нашата визија. Дополнително, секојдневниот труд, посветеноста и врвниот квалитет на сите членови на „Мостови“ ме прават неизмерно горд што сум дел од ова движење. Целта на овој блог е да ја раскажувам приказната на сите наши членови, да го истакнам нивниот труд и да им кажам едно големо благодарам на сите сограѓани кои веруваат во нашата визија за заеднички напредок.

Ова е само почеток за нас. Градиме стабилни мостови за со добра волја и љубов кон татковината да го вратиме бесценетото меѓународно знаење дома.

Живе од Мостови

Subscribe to Мостови до Дома - Mostovi do Doma

Don’t miss out on the latest issues. Sign up now to get access to the library of members-only issues.
jamie@example.com
Subscribe